
Што е Етнографија?
Етнографија — е изучувањето или опис на однесувањето на еден народ, специфична култура или група.
Често се вели: доколку сакате да сфатите што е тоа антропологија, тогаш гледајте што прават антрополозите. Пред сè, антрополозите се занимаваат со етнографија. За културниот или за социјалниот антрополог, етнографијата е исто што и лабораториското истражување за биологот, архивското за историчарот, или анкетите за социологот. Етнографијата уште често се нарекува и „истражување низ активно учество“, бидејќи се заснова на наизглед едноставната идеја дека доколку сакате да сфатите каква намера имаат луѓето, најдобро би било да ги набљудувате, на тој начин што ќе се дружите со нив подолго време. Поради тоа, антрополозите по традиција, настојуваат да поминат подолг временски период, понекогаш и по цела година без прекин, во заедницата која ја проучуваат и да живеат исто како што живеат и членовите на заедницата. Впрочем, тој пристап ја одредил антропологијата и ја одделил од останатите општествени науки. Навистина, антрополозите во никој случај не ги отфрлаат методите кои се типични за другите науки, како што се употребата на анкета или собирање квантитативни податоци. Но, антрополозите веќе подолго време сметаат дека таквиот пристап при изучувањето на човекот би довел до нецелосно, па дури и до погрешно сфаќање, посебно кога се работи за припадници на непознати заедници
Што е Антропологија?
Антропологија е наука што се занимава со изучување на човештвото. Антропологија е холистичка наука заради две причини: таа се занимава со човечкото битие само по себе во различните периоди од неговиот развој, како и со различните димензии на она што не прави луѓе сите нас. Во центарот на антрополошките изучувања се наоѓа концептот култура низ кој нашиот вид го развил универзалниот капацитет да го согледува светот низ симболи, да учи и предава такви симболи во рамките на едно општество, како и да го менува светот (и своето место во него) врз база на тие симболи. Основна карактеристика што традиционално ја изделува антропологијата од другите хуманистички дисциплини е нејзиниот акцент на меѓукултурните споредби.
Што е Етнологија?
Името на етнологијата се поврзува со старогрчките зборови etnos што значи народ и logos што значи учење или наука. Зборот етнологија за првпат се спомнува во 1787 година, а зборот етнографија потекнува од 1810 година. Овие два изрази имале прилично различни значења од оние кои денес им се придаваат. Исто така, треба да се напомне дека на појавата на етнолошката мисла и претходи настанувањето на специфичните терминологии. Доколку се проследи историјата на сознанието за човекот, од гледиштето кое нè интересира, може да се забележи дека првичните интересирања биле кон егзотичните, архаични (или како што тогаш ги нарекувале, примитивни) општества.